Како се користи оваа база на податоци?
Базата „Верски имоти под лупа“ ги содржи сите имоти на МПЦ-ОА и на ИВЗ до
кои дојде БИРН преку отворените податоци од катастар. Во неа може да се видат повеќе параметри
како бројката и површината на имотите на двете верски заедници, и да се пребарува според
намената, општината и епархијата, односно муфтиството во кои се наоѓаат овие имоти.
Начин на пребарување
За да се почне со пребарување, на насловната страница прво треба да се направи избор на една од двете
верски заедници. Тука се отвора полето за пребарување, кое дава три можности за избор – пребарување
по епархии/муфтиства, по вид на имот и по општина, и нивно вкрстување.
Откако ќе се селектира посакуваниот избор, за да се добијат резултати, мора да се кликне на лупата во
синото поле.
Во првото поле може да се пребарува по епархии и муфтиства, според последната поделба која ја имаат
направено двете верски заедници. Оттука, за имотот на МПЦ-ОА е достапно пребарување за 11 епархии,
односно за 13 муфтиства кога се разгледува имот на ИВЗ.
Второто поле е насловено „имоти“ и во него се пребарува имотот на верската заедница според неговата
намена. Тука се достапни 10 категории кои ги креираше БИРН за да даде појасен приказ на имотите со
кои располагаат МПЦ – ОА и ИВЗ, а со тоа и да овозможи полесно пребарување. Истовремено, оставена е
можноста и за поспецифичен избор, во рамки на самите категории, на начин на кој се водат имотите во
катастарот.
Така на пример, во категоријата „Верски објекти и придружен имот“, базата дава
можност да се селектира целата категорија или да се направи избор на конкретен вид имот во неа, кој
во катастарот се бележи како црква, џамија, верски објект, гаража, градежно изградено земјиште итн.
До истата категорија, може да се пристапи и директно од насловната страница, со директен клик на една
од десетте категории.
Третото поле, дава можност за избор на една од 80-те општини во земјава и Градот Скопје, како и нивни
комбинации.
За да се прецизира пребарувањето, во базата е овозможено да се направи вкрстен избор на повеќе
категории. На пример, ако корисникот сака да ги види сите џамии кои го има ИВЗ во Општина Чаир, може
да ја селектира поткатегоријата џамија, во категоријата „Верски објекти и придружен имот“ и да добие
резултати за сите имоти кои под намената „џамија“ се внесени во катастарот на како имот на ИВЗ.
Сепак, препорака на БИРН е да се пристапува кон пошироко пребарување и избор на самата категорија
„Верски објекти“, бидејќи катастарот честопати објектите кои се џамии, ги внесува со друга слична
намена, како на пример „верски објект“, „верска заедница“ итн, па на овој начин ќе се добијат
поточни резултати.
Приказ на информации
Откако ќе е направи посакуваниот избор и се кликне на лупата во синото поле, се отвора нова страница
на која има детални информации за бројката на имоти кои ги поседува избраната верска заедница, на
колку локации тие се наоѓаат, колкава е нивната вкупна површина и слично.
Тука може да се види графички приказ на поделбата на имотот по намена и видот на сопственоста.
Посебно се издвоени најголемите имоти кои се менуваат во зависност од избраните категории при
пребарувањето, а достапна е и мапа, на која се гледа во кои општини е најзастапен пребаруваниот
имот.
Со оглед на тоа што базата на БИРН ги користи податоците во формата во која тие се внесени во
катастар, при секое пребарување, на дното на страницата се појавува листа на имотите со деталите од
катастарот, која се менува во зависност од изборот за пребарување. На неа може да се видат повеќе
параметри за имотот – како името на катастарската општина, бројот на имотен лист, катастарската
парцела итн.
Базата на БИРН не содржи поединечен опис за секој имот на верските задници и не може да се
пребарува по конкретна локација. Меѓутоа, за секој имот е достапен линк, кој преку
надворешна врска, води до конкретниот имотен лист во катастарот и преку >него може да се
види точната локација на имотот.
Заеднички имоти
Кога се гледа страницата на некој поединечен имот, во неа има податок дали тој е целосно во
сопственост на верската заедница, или ја дели сопственоста со граѓани, компании или со
државата. Кога имотот е заеднички, во катастарот обично има податок за тоа кој колкав удел
има во конкретниот имот.
Во случаите кога оваа информација е изоставена, ваквите имоти во базата на БИРН се обележани
со знакот извичник, а е оставена вкупната заедничка површина која е впишана во катастарот.
Ваков на пример е случајот со станбениот простор на висококатниците во изградба, на
паркингот кај хотелот Холидеј ин, во центарот на Скопје.
Преземање податоци
Резултатите од пребарувањата во базата „Верски имоти под лупа“, се достапни за преземање на копчето
во долниот дел на страницата, веднаш по табелите со катастарски податоци за одреден имот.
Преземањето на резултатите е во ексел формат и е овозможено за секое пребарување.
Започнете со истражување