Верски имоти под лупа

База на податоци за имотите на МПЦ - ОА и ИВЗ во Северна Македонија. Направете анализа на видовите на имот, нивните површини и местоположбата.

За базата на податоци

Базата на податоци „Верски имоти под лупа“ претставува обемен потфат да се соберат на едно место, да се анализираат, систематизираат и мапираат повеќе од 20.000 посебни парчиња имот со кои располагаат Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Исламската верска заедница во земјава.


Почетната точка за ова истражување беше прашањето - колку имот поседуваат МПЦ-ОА и ИВЗ, двете доминантни верски заедници во земјава. За имотот на двете заедници, кои имаат значителна општествена улога, јавно не постојат информации, вон нивните внатрешни евиденции. Истовремено, двете заедници се вклучени во разни сегменти во бизнисот и економијата и остваруваат значително политичко влијание.

Оваа двојна база на податоци е направена со информации од Катастар за сите парчиња имот на МПЦ-ОА и ИВЗ што БИРН успеа да ги собере и да ги идентификува до октомври 2024 година. Доколку верските заедници во меѓувреме купувале или продавале имоти, тоа не е евидентирано.

За нешто повеќе од една година, БИРН успеа да идентификува вкупно 14.757 поединечни парчиња имот на МПЦ-ОА и 5.363 на ИВЗ, заведени во Катастар, во сопственост на овие две заедници. За секое парче имот, колку и да е мало или големо, во оваа база се внесени сопственикот, квадратурата, локацијата, односно општината, типот на сопственоста, како и бројот на катастарската парцела и врска до имотниот лист на Катастар.

Документираните имоти се само оние кај кои во сопственоста на имотните листови се содржани зборовите МПЦ, црква, епархија, манастир, џамија, ИВЗ, муфтиство итн. БИРН не ги документира имотите што се на државно или на друго земјиште, каде што директно не се впишани двете заедници како сопственици. Исто така, во оваа база не се вклучени имотите на приватните компании во кои МПЦ-ОА и ИВЗ имаат удели.

Бидејќи кај двете заедници фигурира имот со различни права на користење или сопственост, БИРН ја пресмета вкупната квадратура земајќи ги имотите што се само во сопственост на верските заедници и процентот што го поседуваат од имотите во заедничка сопственост.

Во процесот за полесно пребарување и преглед, БИРН ги групираше сите поединечни парчиња имот што се заведени под иста намена, парцела и општина. На тој начин, ако една нива од 2.000 квадратни метри на иста катастарска парцела е заведена како нива, но внесена како 15 помали парчиња од 72, 100 или 250, во оваа база тие се прикажуваат како една нива, односно еден имот, додека на деталниот преглед на имоти се внесени како посебни делови.

За полесно пребарување во базата на податоци се креирани логични 10 категории и во нив, за полесен преглед, практично се споени сите намени што ги идентификувал катастарот. На пример, категоријата верски објекти и придружен имот, освен самите објекти, ги вклучува и сите други ставки имот што се впишани на имотните листови - земјиште под зграда, двор, придружни објекти итн. Истото е случај и со станбениот и деловен простор, каде што посебно се впишуваат лоѓии, тераси, подруми и заеднички простории. Поради тоа, базата на податоци ги групира овие имоти и по локации.

Секоја од главните категории нуди детален преглед на кого точно му припаѓа тој имот - епархии, односно муфтиства, кои и колку намени се вклучени во одредената категорија и какво е правото на сопственост, целосна или заедничка. На мапата, пак, исто така може да се видат имотите во посебни општини, но и по групни пребарувања.

Во опциите за пребарување, базата на податоци овозможува преглед по епархии, односно муфтиства, тип на имот и општина каде што може да се селектира еден или повеќе параметри за резултати по различни пребарувања.

Вкупниот број верски објекти не може прецизно да се одреди според расположливите податоци. Проверката на податоците покажува дека постојат имоти со цркви или џамии, кои се впишани само како земјиште без објект во сопственост на верските заедници. Истовремено, БИРН со проверка на мапите на Гугл пронајде верски објекти, изградени пред години, кои се наоѓаат на државно земјиште и воопшто не се евидентирани во Катастар како сопственост на верските заедници и затоа не се дел од оваа база.

На пример, во оваа база се идентификувани верски објекти на МПЦ-ОА над 940 локации, во кои влегуваат сите регистрирани цркви, манастири, верски институции и друго. Синодот на МПЦ-ОА, пак, ни изјави дека според нивната евиденција во земјава има над 2.000 цркви.

Слична е состојбата и со ИВЗ. Во базата се евидентирани верски објекти на над 500 локации, а оваа верска заедница тврди дека има приближно 700.

Оваа база на податоци, поради обемот, не содржи посебни текстови за секој идентификуван имот, но со истражувањето во процесот и деталните проверки на голем дел од имотите и споредби со гугл-мапите успева да ги исцрта контурите на земните богатства на МПЦ-ОА и на ИВЗ.

Како резултат на тоа знаеме дека вкупниот имот на МПЦ-ОА е над 100 квадратни километри или речиси колку третина од територијата на урбано Скопје, односно трите најголеми општини Карпош, Кисела Вода и Аеродром заедно. Имотот на ИВЗ, пак, се простира на десетпати помала површина. Иако доминантниот дел од имотот на МПЦ се шуми, ливади и пасишта, сериозна квадратура имаат и во земјоделско земјиште, но и во станбен и деловен простор. ИВЗ, пак, може да се пофали со голем број пазари и дуќани по чаршиите во повеќе градови, како Скопје, Дебар и Битола.

За имотите на верските заедници, низ чаршијата постојано се тркалаат разни митови. Како на пример дека „сите знаат“ дека половина од улицата Македонија во центарот на Скопје е во посед на Црквата, а половина од Скопската чаршија е сопственост на ИВЗ. БИРН успеа да пронајде само еден дуќан во посед на МПЦ-ОА на улицата Македонија, а што се однесува до ИВЗ, таа поседува имот во Чаршијата, но далеку помал од чаршиските муабети.

Целта на оваа база на податоци е да разбие дел од тие митови, да ја долови големата слика за имотот на верските заедници, да биде значаен извор за понатамошни анализи и истражувања и да придонесе за зголемена транспарентност.

Базата на податоци „Верски имоти под лупа“ ја изработија: Ана Петрушева, Владо Апостолов, Јасмина Јакимова, Елена Гаговска, Афије Шерифи, Гоце Трпковски, Васко Маглешов, Фросина Димеска, Јасна Андоновска, Гоце Митевски и Елеонора Михајлоска.

Истражувања

Систем вон систем: Државата слепа за парите на МПЦ-OA и ИВЗ

Институциите оставаат работењето на двете најголеми верски заедници да се одвива вон законските рамки

Прочитајте
Пазари, згради и падина на Водно во имотните листови на ИВЗ

Вкупниот имот на Исламската верска заедница се протега на 13 квадратни километри

Прочитајте
Од ридови и планини до дуќани и станови – што сѐ има МПЦ-ОА

Црквата има контрола врз имот два и пол пати поголем од државата Сан Марино

Прочитајте

лого на ПРИЗМА

Балканска истражувачка репортерска мрежа
ул. Мирослав Крлежа 67, 1000 Скопје
тел./факс: 02/3290 280 | Контакт


Базата на податоци Верски имоти под лупа е изработена од Балканската истражувачка репортерска мрежа.

Содржините се достапни под меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.